Мора ли прво сè да скенираме?
Не. Збирката може да почне само со записи — описите што веќе ги имате. Скенираните изданија се додаваат подоцна, со темпото што го одредува библиотеката, и секое ново издание веднаш се појавува кај својот запис.
Колку трае да се внесе нашиот фонд?
Ако описите се во табела или во извоз од каталогот, внесот е работа од денови, а не од месеци. Рачниот внес зависи од обемот; првата збирка може да ја внесеме ние. Скенирањето е посебна работа и го планираме заедно.
Ние сме во КОБИСС. Што значи тоа за збирката?
Каталогот останува каталог. Записите извезени од него го следат истиот стандард, па полињата се преземаат еднаш, без препишување, а записот може да упатува назад до изворниот. Автоматска, постојана врска не е поставена — тоа е одделна ставка, ако и кога ќе биде потребна. Ако не сте во КОБИСС, збирката е првиот дигитален попис на тој дел од фондот.
Може ли читателот да ги преземе изданијата?
Тоа го одлучува библиотеката. Делата во јавен домен обично се нудат за преземање. За другите, преземањето може да се скрие, а копирањето и печатењето од прегледувачот да се оневозможат. Тоа го отежнува преземањето, но не го оневозможува целосно — затоа правата стојат и на самиот запис, а датотеката може да биде достапна само по барање.
Може ли да се пребарува и текстот во самите книги?
Да, во пакетите со препознавање на текстот (OCR). Отпечатениот текст на скенираните страници се претвора во текст што може да се пребарува, па читателот ја наоѓа книгата и по збор од содржината, а не само по описот. Скенот останува ист. Точноста зависи од квалитетот на скенот и од правописот, па пред договорот пробно препознаваме едно ваше издание — за да видите резултат на сопствениот материјал.
Зошто претплата, ако софтверот е слободен?
Софтверот е слободен, работата околу него не е: сервер, надградби по претходна резервна копија, секојдневни копии и надвор од серверот, следење на достапноста и поддршка на македонски јазик. Претплатата е за тоа — за да се занимавате со збирките, а не со техниката.
Може ли збирката да биде на наш домен?
Да. Збирката стои на адреса на библиотеката, на пример како поддомен на постојната мрежна страница на библиотеката. Доменот останува ваш и во случај збирката да се пренесе на друго место.
Што ако утре се откажеме?
Ги добивате сите записи и датотеки во отворени формати, без надоместок. Платформата е отворена, па збирката може да продолжи кај друг изведувач или кај вас, на истата адреса.
Што е потребно од наша страна?
Вработен што го знае фондот — компјутер и прелистувач се доволни. Опрема, сервер или информатичар не се потребни.